1 Samuel 11
1 И дојде Амонецот Нахас и го опколи Јавеш Галаадски. И сите жители на Јавеш му рекоа на Нахас: „Склучи со нас сојуз, и ние ќе ти служиме!“
2 Но Амонецот Нахас им рече: „Ќе склучам сојуз со вас, но под услов, на секого од вас да му го извадам десното око и со тоа да нанесам срам врз целиот Израел.“
3 Старешините на Јавеш му рекоа: „Дај ни рок од седум дена да испратиме пратеници по сите израелски области, и, ако никој не ни помогне, ќе ти се предадеме.“
4 И пратениците дојдоа во Гива Саулова и му ги раскажаа на народот гласно тие зборови; и сиот народ извика и заплака.
5 А ете, Саул доаѓаше од нива по воловите свои и рече: „Што станало со народот, та плаче?“ И му ги кажаа зборовите на жителите на Јавеш.
6 И слезе Духот Божји врз Саул, откако ги чу тие зборови, и силно се разгневи;
7 па зеде два вола, ги исече на парчиња и ги испрати по сите израелски предели преку тие пратеници, објавувајќи дека така ќе биде постапено со воловите на секого што нема да тргне по Саул и по Самоил. И страв Господов падна врз народот, и тргнаа сите како еден човек.
8 Саул ги преброи во Безек, и се најдоа синовите Израелови триста илјади и мажи Јудини — триесет илјади.
9 И им рече на дојдените пратеници: „Вака кажете им на жителите на Јавеш Галаадски: утре ќе имате помош штом ќе припече сонцето.“ И пратениците отидоа и им јавија на јавешките жители, и тие се зарадуваа.
10 И жителите на Јавеш му рекоа на Нахас: „Утре ќе ви се предадеме, и правете со нас што сакате.“
11 Следниот ден Саул го раздели народот во три групи, и тие се провлекоа среде логорот по утринската стража и до дневниот припек ги поразија Амонците; другите Амонци се распрснаа така што од нив не останаа ни двајца заедно.
12 Тогаш народот му рече на Самоил: „Кои беа тие што рекоа — ‚Та Саул ли ќе царува над нас?‘ — Дајте ги тие луѓе, и ние ќе ги убиеме.“
13 Но Саул рече: „Денес не треба никој да се убие, зашто денес Господ изврши спасение во Израел.“
14 И Самоил му рече на народот: „Да одиме во Гилгал и таму одново да го осветиме царувањето.“
15 И сиот народ отиде во Гилгал и го поставија таму Саул за цар пред Господ, во Гилгал, и принесоа таму жртви за благодарност пред Господ. И се провеселија таму многу, Саул и сите Израелци.